На петтото издание на Фестивалот за медитерански и балкански филм „Преку езерото“ кој оваа година ќе се оддржи во Дојран, Струмица и Гевгелија од 08 до 15 јули, ќе се случи и третата по ред Работилница за развој на сценарио и продукција за дипломски и дебитантски краткометражни филмови на која може да се пријауваат студенти и автори-дебитанти со цел, преку својот проект да се изборат за финансиски грант во опрема и материјални средства кои ќе им овозможат продукција и постпродукција на нивното авторско филмско дело.

Досегашното искуство е крајно задоволително. Изработени се четири краткометражни играни филмови – два се прикажаа минатата година, а другите два ќе ја имаат својата македонска премиера на овогодинешното фестивалско издание. Станува збор за квалитетни и професионално изработени филмски проекти кои оттука, па натаму ќе го живеат својот живот на други фестивали каде што ќе бидат примени. Да се работи со млади луѓе кои сакаат да ги остварат своите соништа, правејќи ги првите филмски чекори е голема привилегија и задоволство. „Преку езерото“ е единствениот македонски филмски фестивал кој им ја дава оваа можност на младите автори, како студенти, така и дебитанти. Секој малку упатен во филмската уметност добро знае колку е тешко и комплексно да се сними филм, особено кога станува збор за авторско првенче. Оттука, ние и понатаму ќе останеме посветени на нашето дело – на младите автори да им создадат услови за остварување на филмскиот сон.