Петто издание • Дојран
Фестивалот „Преку езерото“ не е само филмска програма. Тој е простор за образование, развој на нови автори и создавање на идната филмска публика. Во рамките на неофицијалната програма ќе се реализираат едукативни работилници, студентски проекти и специјални настани посветени на иднината на филмот.
И оваа година традиционално програмата ја започнуваме со селекција на филмови за деца и млади, каде секоја вечер ќе се одржува и „Игротилница“ – мала, но важна работилница за филмска и медиумска писменост.
Работилницата е едукативна и творечка. Преку игра и забава, најмладите учесници ќе имаат можност да создаваат краток филм и да се запознаат со секој сегмент од процесот: сценарио, продукција, актерство, камера, монтажа, музика и дизајн.
Пред проекциите ќе има панел за децата и младите во светот на проблемите на возрасните, а по проекциите Детското и Младинското жири ќе доделат награди за најдобрите.
„Нови бранови“ е работилница за развој и продукција на студентски и дебитантски кусометражни играни филмови.
По успешното минатогодишно издание, фестивалот продолжува со поддршка на младите филмски автори, студентите и дипломците кои ги подготвуваат своите први професионални филмски проекти.
Учесниците ќе работат со професори, сценаристи, режисери и продуценти кои ќе им помогнат да ги развијат и дефинираат своите идеи во готови филмски проекти.
Победниците ќе добијат грантови во парични средства, филмска техника и услуги во продукција и постпродукција, со цел нивните филмови да добијат професионална реализација.
„Храбриот нов бран“ е програма посветена на најновите достигнувања во вештачката интелигенција и нејзината примена во уметноста и филмската индустрија.
Програмата ќе се организира во соработка со МЕДИА програмата, Креативна Европа и Академијата Бреинстер. Предавачи ќе зборуваат за современите искуства, практичната примена и идните можности на вештачката интелигенција во филмот.
Работилницата ќе се одржува во Дојран, а предавачи ќе бидат инженери и креативци од Македонија и од Балканот.
© Copyright 2026 by The Mediterranean Film Festival “Across the Lake”